Еко реновирање. Што треба да знаеме?

Решивте да започнете проект за реновирање... И избравте тоа да го правите на одговорен начин, со цел да живеете во дом кој ќе биде дизајниран со материјали кои ги подобруваат енергетските перформанси, но истовремено овозможуваат и заштита на животната средина и заштеда на енергија.
Тоа се нарекува еко-реновирање. Но зошто е толку важно?
36% од глобалната употреба на енергија и скоро 40% од емисиите на јаглерод диоксид (CO₂) се поврзани со изградбата на згради и операциите околу нив, покажуваат анализите на World Green Building Council за 2017 година. Енергијата е најважниот глобален ресурс, а нејзината заштеда е нешто што се наметнува се повеќе и повеќе!
Реновирање или изградба? Изградба на нов проект од А до Ш или реновирање стара куќа? Како да го направите вистинскиот избор, а да спроведете проект кој ја одразува вашата личност, кој ќе биде енергетски ефикасен, и еколошки? Буџетот кој го имате на располагање секако е добра ориентација, и основа која детерминира што да правите.
Но што треба да знаете? Изградбата може многу брзо да предизвика високи трошоци, и да изускува големи средства бидејќи почнувате од нула. Но, треба да размислувате и долгорочно, имајќи ја во предвид идната вредност на вашиот објект. Така што доколку вашиот дом е дизајниран во согласност со сертификатите и стандардите за градење со ниска потрошувачка на енергија и ниска емисија на CO2, ќе обезбеди ниска потрошувачка на енергија за греење, одлична природна вентилација, и природно осветлување итн. Во тој случај вашиот дом или канцеларија ќе има можност за идна поголема вредност на пазарот на недвижности. Секако и самите трошоци додека живеете ќе бидат помали, а удобноста поголема. Сите овие работи треба да ги имате во предвид, кога се одлучувате дали да одберете еколошки материјали и дали да градите од ново.
Во случај пак на реновирање, негативното влијание врз животната средина е поголемо бидејќи настанува уривање и се создава многу отпад и шут. Почетно имаме помали трошоци, бидејќи само се обновува, но генерално и помали можности за имплементирање на еко материјали.
Тип на материјали и нивните последици: како да се направи вистинскиот избор?
Дали се одлучивте за еко-реновирање за да ги подобрите енергетските перформанси на вашиот дом, а истовремено да ја зачувате животната средина?
Доколку имате висока еко свест, секако ќе одберете еко-материјали. Многу е едноставно! На овој начин покажувате почит кон животната средина и инвестирате во вашето здравје. Еко материјалите се еко-дизајнирани во текот на целиот нивен животен циклус од производство, достава до имплементирање на објект. Важно е што покрај еко компонентите тие ги гарантираат истите технички и функционални квалитети како и останатите материјали. А тоа е обезбедување удобност, високи перформанси и функционалност!
На што друго да обрнеме внимание? Кои се работите кои овозможуваат енергетски подобрувања?
Систем за греење
Еко-реновирањето значи избор на енергетско ефикасна опрема за загревање, и ниско-енергетски апарати кои се употребуваат во домот. При дизајнирањето на просторот важно е да се знае функцијата на секој простор, неговата ориентација спрема сонцето, а се со цел да се оптимизираат соларните придобивки и да се направи оптимален избор на систем за греење. На пример во купатилото да планирате сончев индивидуален бојлер.
Изолација и вентилација
За подобра топлинска удобност на вашиот дом и зачувување на животната средина, императив е добрата изолација. Зошто? Затоа што во зима ќе спречите топлината да избега и ќе ја намалите потрошувачката на енергија, додека во лето, добрата изолација ќе помогне да се задржи внатрешната температура на оптимално ниво (поретко ќе ги употребувате клима уредите).
Ако се одлучите за внатрешна изолација, изберете материјали што може да се рециклираат, еко-дизајнирани, како што се на пример стаклените влакна. И не заборавајте за квалитетот на вашето застаклување: сега има стакло со засилена топлинска изолација. И на крај, кога размислувате за изолација, размислете и за вентилација бидејќи природното обновување на вашиот дом и квалитетот на воздухот се неопходни за здрав живот.
Практикувајте еко-одговорно однесување
Во комбинација со употребата на еколошки материјали, и вашите секојдневни активности исто така можат да придонесат за вашиот еко одговорен пристап. Ограничување на времето под туш, одржување на температура од 19°C во сите простории во вашиот дом, избор на ниско-енергетски светилки и имплементирање сензорно уклучување и исклучување на светлото во собите.
Со еколошки начин на живеење, придонесувате кон животната средина
Одговорното реновирање и подобрувањето на енергетските перформанси на вашиот дом е амбициозен пристап. Потребна е употреба на еколошки и ефикасни материјали, кои можеби ви се чинат поскапи, но задоволството од удобен, еколошки и здрав дом за вашето семејство, е нешто непроценливо. На тој начин ја потврдувате и вашата посветеност и грижа за животната средина, и иднината на нашата планета!